КАКО ДА ГО СОЧУВАТЕ ВИДОТ?

ШТО ГО ЗАГРОЗУВА ВИДОТ?
Лошо лекуваниот дијабетес може да биде причина за заматување на леќата која се нарекува катаракт, а може да предизвика и нарушување на мрежницата таканаречена дијабетичка ретинопатија.
Високиот притисок ги загрозува крвните садови на мрежницата. Некои други болести, на пример, ревматските можат исто така да предизвикат пречки во видот.
Но не се само болестите тие што им штетат на очите. И некои лекови може да влијаат врз загрозувањето на видот.
Така, на пример, кортизонот и некои други диуретици може да ја поттикнат појавата на катаракт.
КРАТКОВИДНОСТА Е ЗНАК НА СТАРОСТ?
Неточно! Еднакво како и астигматизмот и кратковидноста може да се јави доста рано, во периодот на адолесценција или дури и претходно и не е поврзана со стареењето на окото.
Болест поврзана со стареењето на окото е далековидоста.
Старечката далековидост е речиси неизбежна по 40 години живот, а причината е слабеење на способноста на акомодација на окото.
МЛАДИТЕ ГЛЕДААТ ПОДОБРО?
Ниту овој факт не е точен. Добриот вид не мора да биде поврзан со возраста.
Доказ: детето од осум недели гледа онолку далеку колку што се долги и неговите раце и не разликува бои.
Како што расте неговиот вид станува се подобар. Благодарејќи на созревањето на видот, детето постапно почнува да распознава лица околу себе, да реагира на смеење…
Околу петтата година видот достигнува 100 отсто. Како што од почетокот на животот видот постапно се развива така во подоцнежниот животен периодот гледањето на близина почнува да слабее.
КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ВИДОТ?
Сончевите зраци, посебно ултравиолетовите го забрзуваат процесот на слабеење на видот.
Тие зраци го забрзуваат создавањето слободни радикали. Очилата за сонце со квалитетни стакла се добро средство за заштита.
Посебно им помагаат на личностите со светли очи и на оние што многу престојуваат на отворено.
Важно е исто така да се избегнува пушењето, како и преголемото консумирање алкохол.
Тие ја зголемуваат опасноста од заболување на крвните садови, па според тоа и на мрежницата, а влијаат и за појава на катаракт.
Неодамна спроведеното истражување покажало дека литар вино и пет испушени цигари на ден двојно ја зголемуваат опасноста од појава на катаракт.
Некои лекови врз база на растението гинко билоба се сметаат како корисни за да се спречат штетните промени на окото.
Сигурно знаете дека морковот е извонредна храна за очите. Но и зеленото овошје и зеленчук го има истиот делотворен ефект, покажало најновото истражување кое го спровеле научниците од САД.
Зеленото лиснато овошје и зеленчук може да ги спречи болестите на окото, кои се поврзани со старењето, покажала студијата објавена во научниот часопис „Journal of Food Science“.
Овие намирници содржат каротиноиди, како што се лутеинот и зеаксантинот, кои играат важна улога во заштита на ретината на окото, рекол Dr. Billy R. Hammond, автор на студијата и професор по екпериментална психологија.
Лутеинот и зеаксантинот се важни во исхраната, бидејќи можат да го поправат видот по биолошки и природен пат. Но, иако во природата се наоѓаат околу 600 каротиноиди, само дел од нив луѓето можат успешно да ги апсорбираат преку храната.
Иако, морковот е најпознат зеленчук, кој изобилува со каротиноиди, и другото овошје и зеленчук содржи каротиноиди во големи количини.
Затоа, за здрава доза на лутеин и зеаксантин, јадете многу кељ, прокељ, спанаќ, блитва, зелена салата и друг зелен лиснат зеленчук.
Со цел да ги отстраните лошите навики кои го засегнуваат вашиот вид и да го одржите доброто здравје на очите, неопходно е да се придржувате кон следниве совети:
1- Кога работите на компјутер, следете го правилото „20-20-5“. Вашиот компјутер може да работи по 24 часа без прекин, но не и вие. Вие не сте машина. На секои 20 минути зјапање во екранот, правете 20 секунди пауза, гледајќи во предмет кој е оддалечен 5 метри од вас. На тој начин ќе им ја дадете на очите потребната пауза и ќе го избегнете заморот.
2- Не ги избегнувајте очните прегледи. Повеќето луѓе бегаат од очните прегледи со различни изговори како „Порано имав проблеми со видот, но сега сè е во ред“ или „Гледам како сокол, не ми треба очен преглед“. Вистината е дека добриот вид не се состои само од вашата способност да читате, да го гледате патот, сообраќајните знаци и природата околу вас. Реално може да имате очен проблем без да сте свесни за тоа. Затоа, следниот пат не ги заобиколувајте прегледите кај офталмологот, туку побарајте го неговото стручно мислење.
3- Редовно мијте ги рацете за да избегнете очни инфекции. Кога рацете ќе дојдат во контакт со нечист предмет, тие стануваат носители на бактерии, па во допир со окото лесно можат да предизвикаат инфекција. Ризична група се корисниците на контактни леќи поради честиот контакт на рацете со очите. Ако спаѓате во оваа група, од исклучително значење е миењето на рацете пред ставањето и вадењето на леќите.
4- Не заборавајте да трепкате додека гледате ТВ или седите пред компјутер. Лесно е да се занесете во омилената серија или да се задлабочите во интересна содржина на интернет, па да останете со ококорени очи подолго време. Потсетувајте се дека морате да трепкате за да ги заштитите очите. Трепкањето ги мие очите со природни солзи и го спречува сушењето.
5- Никогаш не користете стара или туѓа шминка за очи. Шминките за очи не траат вечно. Иако сенките за очи изгледаат убаво и по 2-3 години, не значи дека е разумно да се користат. Маскарата е уште попроблематична и не се препорачува да се користи повеќе од шест месеца по отворањето. Ако забележите промена во мирисот и текстурата на шминките, веднаш ослободете се од нив. Преку навременото менување на шминките вие го намалувате ризикот од инфекции. И уште едно предупредување: Никогаш не користете туѓа шминка за очи и не ја споделувајте својата, независно дали станува збор за вашата братучеда или најдобрата пријателка.
6- Дознајте ја здравствената историја на вашето семејство. Прашајте ги поблиските членови од вашето семејство дали некогаш им било дијагностицирано очно заболување. Многу е важно да ја познавате историјата на болести во вашето потесно семејство, затоа што некои од нив се наследни. Оваа информација ќе ви покаже дали ризикот од појава на очна болест кај вас е зголемен или не.
7- Одржувајте здрава телесна тежина. Прекумерната тежина го зголемува ризикот од развивање на некои состојби како дијабетес. Една од негативните последици на дијабетесот е појавата на компликации со видот.
8- Внимавајте на светлината и растојанието додека читате. Можеби ви се случило додека читате книга да почувствувате главоболка и истоштеност. Најчеста причина за тоа е очниот замор, предизвикан од недоволно осветлената просторија или од неправилното растојание меѓу вашите очи и книгата. Кога читате, книгата треба да биде оддалечена од очите околу 15 см. Колку поблиску е таа, толку потешко им е на очите да се фокусираат на испишаните редови. Читајте во добро осветлена соба, но не треба изворот на светлина да е насочен директно кон вашето лице. Не ги тријте очите ако ви влезе прашна или друго страно тело.
9- Крвничкото триење на окото додека во него има страно тело може да доведе до негово иритирање или оштетување на нежната мрежница. Прво, прегледајте го окото за да видите дали ќе го забележите проблематичното тело за да го отстраните. Ако не успеете да го видите, а не чувствувате силно гребење, затворете го окото и нежно трепкајте. Оставете ги солзите да си ја завршат својата работа и да ви го „измијат“ окото. Доколку чувствувате силно гребење, не трепкајте силно, бидејќи може да направите поголема штета. Во ваков случај, најдобро е да го измиете окото со вода.
10- Откажете ги цигарите за да го намалите ризикот од очно заболување. Ако опасноста од рак на јазикот, рак на белите дробови, пожолтување на прстите и многуте други последици од пушењето не ве мотивираат доволно за да ги откажете цигарите, има уште една дополнителна причина. Имено, пушењето влијае негативно и на видот, со тоа што го зголемува ризикот од катаракта, макуларна дегенерација и оштетување на очниот нерв. Па, зошто не ја оставите оваа штетна навика уште веднаш и да избегате од канџите на порокот наречен пушење?
11- Обидете се да спиете осум часа на ден. И на очите како и на останатите делови од вашето тело им е потребен одмор. Недоволното спиење лесно може да доведе до очен замор, па препорачливо е да си подарувате 7-8 часа квалитетен сон.