КАКО ДА СЕ ХРАНИМЕ ДА ГО НАМАЛИМЕ СТРЕСОТ

Стрес, анксиозност, раздразливост, промени во расположението, депресија, замор, сето тоа се симптоми со кои луѓето се среќаваат во животот, особено сега во модерното време. Од друга страна, постои здрава, природна и ефикасна алтернатива за помирен живот. Треба да најдеме природна алтернатива за подобар квалитет на живот, а во тоа може да помогне правилната исхрана.
Иако не постои чудотворна храна која може да се бори или да го намали стресот, стресот ја зголемува потребата за одредени хранливи материи. Суштински хранливи материи за борба против стресот се минерали (магнезиум, цинк, калциум) и витамини (витамин Б комплекс – особено Б1, Б6, Б12 и витамин Ц).
Витамини
Витамините од групата Б се клучни за борба против стресот, за подобрување на расположението и за подигање на нивото на енергија. Тие го смируваат и одржуваат здравјето на нервниот систем, ја подобруваат меморијата и концентрацијата, ја поддржуваат правилната функција и развој на мозокот.
Овие витамини се неопходни за лачењето на серотонин, кој ги смирува нервите, ја намалува анксиозноста и го подигнува расположението.
Извори на храна на витамин Б се риба, школки, говедско месо, банани, јајца, млечни производи, спанаќ, брокула, грав.
Витамин Ц – овој антиоксиданс игра витална улога во одржувањето на хомеостазата (т.е. рамнотежа) во централниот нервен систем. Витаминот Ц помага да се намалат физичките и психолошките ефекти од стресот.
Храна богата со овој витамин се: цитрусно овошје (лимони, грејпфрут, портокали), јагоди, рибизли, киви, пиперки, домати.
Минерали
Цинкот е клучен минерал во создавањето на невротрансмитерите серотонин (хормонот на среќата, кој игра улога во нашето расположение) и допаминот („мотивациската молекула“ која промовира фокус и концентрација). Цинкот ја одржува здравата функција на нервниот систем, особено се грижи за вагусниот нерв, кој го поврзува мозокот со телото, преку кој се пренесуваат „смирувачки“ пораки. Здравата врска со нервниот систем може да помогне во олеснување на анксиозноста.
Храна богата со цинк: остриги, говедско месо, црн дроб, јајца, мешунки, соја, семки од тиква, бразилски ореви.
Магнезиумот е есенцијален минерал кој игра важна улога во функционирањето на мускулите и нервите. Магнезиумот го релаксира телото со ограничување на нивото на хормонот на стрес кортизол.
Храна богата со магнезиум: ориз од цело зрно, хељда, просо, јаткасти плодови, темно чоколадо, спанаќ, блитва, зелка, грашок, грав, соја, леќа, авокадо, банани, кајсии, смокви, сушено овошје, морска храна.
Калциумот му помага на нашиот нервен систем, се препорачува за раздразливост, депресија и стрес.
Најмногу го има во млекото и млечните производи, мешунките, зелениот лиснат зеленчук, бадемите и семките од сончоглед.
Со подобрување на исхраната можете лесно да се борите и да го надминете стресот.