КАКО КЕТО ДИЕТАТА ВЛИЈАЕ НА ВАШИОТ ТРЕНИНГ

Патот до здраво слабеење е преку соодветна исхрана и редовен тренинг. Меѓутоа, кога станува збор за кетогената диета, во која телото го лишуваме од шеќер и јаглехидрати, рутината се менува. Причината е едноставна – за да се добие енергија, телото согорува масти наместо јаглехидрати. Мастите не даваат моментален поттик на енергија, па се чувствуваме летаргично и тромо. Иако тренирањето додека сте на кето диета не е невозможно, одредени промени во рутината се неизбежни. Како да вежбате за време на кето диетата и како треба да го прилагодите тренингот, дознајте во продолжение.
Со оглед на тоа дека планот на исхрана е целосно променет, можни се симптоми слични на грип – недостаток на енергија, неволност, гадење, главоболка и поспаност, а дополнителен товар е физичката активност. Сепак, овие симптоми обично поминуваат во рок од 2 недели.
Симптомите се појавуваат поради промените во метаболизмот – телото согорува масти како „гориво“ наместо шеќер. За време на диети во кои нема ограничување на јаглени хидрати и шеќер, телото складира материи во мускулите и ги согорува по потреба. На кето диетата нема резерви во мускулите, па телото автоматски се префрла на согорување на маснотии.
Решението, сепак, не е да се откажете од тренинзите. Вежбите за кои е потребен излив на енергија, како што се HIIT, спринт и кревање тегови, може да бидат проблем дури и откако ќе се смират симптомите на „кето треска“. Од друга страна, аеробикот, јогата и возењето велосипед можат да станат вашите омилени форми на физичка активност. Секогаш внимавајте на интензитетот на тренингот, бидејќи имате многу помалку енергија, па побрзо ќе го достигнете моменталниот максимум.
Позитивната страна на вежбањето додека сте на кето диета е тоа што резултатите наскоро се очигледни. Промените во мускулите се веќе видливи по неколку умерени тренинзи.
Ако сè уште се борите да го завршите тренингот, има и други опции. Можете да ја прилагодите кето диетата на вашите можности. Имено, постои и циклична кетогена диета, што подразбира дека планот на исхрана се следи поголемиот дел од неделата, но има и денови за одмор. Во тие денови е дозволен внес на јаглени хидрати и затоа енергетското ниво е повисоко.
Реалноста е дека тренингот за време на кето диетата нема да биде лесен и без стрес. Дури и луѓето кои се посветени на редовен тренинг доживуваат пад на енергијата и немаат желба да посетуваат теретана. Ако вежбањето е нешто што ве прави среќни, нешто што го комплетира вашиот ден и е составен дел од вашата рутина, можеби е најдобро да барате други опции кога станува збор за изборот на диета.