Остеопороза и нејзина превенција

Остеопорозата, која во буквална смисла значи „порозни коски”, е заболување кај кое постои намалување на густината и квалитетот на коската.
Како што коската станува порозна и кршлива, така и ризикот од скршеници значително се зголемува.
Загубата на коската настанува „тивко” и прогресивно. Често е без појава на симптоми, се до појава на првата скршеница…
Дефиниција
Постменопаузалната остеопороза претставува намалување на коскената маса и нарушување на квалитетот на коската што доведува до поголема порозност на коските и појава на фрактури.
Најголем број од фрактурите се случуваат кај постменопаузалните жени.
Во менопауза (после престанување на менструалниот циклус) се намалува лачењето на женските полови хормони и со тоа престанува нивната заштитна улога врз коската.
Со тоа се губи коскената маса, се намалува цврстината на коската и доведува до остеопороза.
Иако значително поретко и машкиот пол може да заболи од остеопороза.
Колку ќе бидат здрави коските зависи пред се од тоа како се изградиле во детството и младоста.
Во периодот на раст, но и во возрасно доба значајно е да се внесува разноврсна исхрана со доволно калциум, витамин Д, изложување на сонце како и зголемена физичка активност и вежбање.
Затоа е важно за сите жени во менопауза да се обратат на лекар навремено, со што би се утврдило дали постојат ризик фактори за остеопороза.
Дијагноза
Златен стандард за дијагноза на остеопорозата е проценка на коскено минерална густина (КМГ) со дензитометар – Dual X-ray absorptiometry (DXA).
КМГ може да се изрази преку:
– T-score (број на стандардни девијации над или под просечната вредност на КМГ кај млади и здрави адулти)
– Z-score (број на стандардни девијации над или под просечната вредност на КМГ кај популација од иста возраст и пол)
Врз база на извештајот од СЗО од 1994 година, остеопорозата кај жени е дефинирана како КМГ вредност од најмалку -2,5 СД под просечната вредност на КМГ кај млади и здрави адулти (T-score ≤-2,5).
Статус КМГ
Нормален T-score од ≥1
Остеопенија T-score -1 до -2,5
Остеопороза T-score ≤-2,5
Тешка остеопороза T-score ≤-2,5 и присуство на најмалку една фрактура.
Проценка на КМГ
Dual X-ray absorptiometry (DXA)
Дијагнозата на остеопорозата е главно базирана на проценка на КМГ на проксимален колк и лумбален рбет со DXA.
Дензитометријата демонстрира добри карактеристики за дијагноза, прогноза на болеста, како и проценка за одговорот на фармаколошкиот третман.
Квантитативен ултразвук (QUS)
Оваа техника дава одредени информации за структурната организација на коската во однос на коскената маса, без изложување на јонизирачки зраци.
Некои студии сугерираат на слични можности како дензитометријата во однос на диференцирање на остеопоротични од здрави пациенти.
Сепак, QUS не е широко одобрен за мониторирање на ефектот од терапијата.
Може да се користи за предвидување на ризикот од фрактурата, но не за дијагноза на остеопорозата и за мониторирање на ефектот од терапијата.
Квантитативна компјутерска томографија (QCT)
Оваа техника ја мери волуметриската коскено минерална содржина преку одвоено мерење на трабекуларната и кортикалната коска тродимензионално.
QCT е широко применувана метода за клинички истражувања.
Како и да е, се работи за скапа, слабо достапна и високо радиоактивно изложувачка метода во однос на DXA.
Радиолошка проценка на вертебралните фрактури
Болка во грбот и загуба на висина може да бидат првите симптоми на вертебралните фрактури индуцирани од остеопорозата.
Тежината на фрактурите се проценува со мерење на степенот на редукција на висината на рбетот, морфолошките промени и диференцирање на деформитетите зависно дали се предизвикани или не од скршеници.
Квантитативните методи како Магнетна резонанца (MRI) се развиени последниве години и можат да се користат за попрецизна проценка на појава на вертебрални фрактури.
Коскени маркери
Имаат широка примена во клиничките истражувања за мониторирање на ефикасноста и механизмот на дејство на терапијата.
Има три категории на маркери, зависно од нивното потекло од коскено минералната единица: коскено ресорптивни, коскено формирачки и маркери на остеокластните регулирачки протеини.
Овие маркери се мерат во серумот или урината и не се специфични за болеста.
Тие ги проценуваат промените во коскениот метаболизам, независно од причината на нивно настанување.
Комбинирањето на КМГ со коскените маркери може да го подобри предвидувањето на ризикот од фрактура кај постменопаузални жени.
Сигнификантни разлики во вредноста на маркерите се забележуваат во текот на примање на антиресорптивна терапија после неколку неделен третман.
Се смета дека коскените маркери може да се користат во клиничка пракса за процена на адхеренцата на пациентите на третманот, но и за следење на ефектот од терапијата.
Ризик фактори
КМГ измерена преку DXA методата моментално е најдобар предиктор за ризикот од фрактури кај индивидуата.
Како и да е, кога се проценува ризикот од можни фрактури во предвид се земаат неколку други фактори.
Скелетните и нескелетните ризик фактори се користат за идентификување на висок ризик од скршеници.
Нескелетни ризик фактори:
– Пушење
– Конзумирање на алкохол
– Низок индекс на телесна маса (BMI – body mass index)
– Низок внес на калциум со исхраната
– Дефицит на Д витамин
– Пролонгирана имобилизација – слаба или комплетно прекината физичка активност
– Ослабен вид
– Чести паѓања
Скелетни ризик фактори:
– Женски пол
– Рана менопауза
– Примарна или секундарна аменореа
– Примарен или секундарен хипогонадизам кај мажи
– Возраст
– Раса – жолта и бела
– Претходни фрагилитетни фрактури
– Фамилијарна историја за скршеници на колк
– Ниска КМГ
– Висок коскен метаболизам
– Невромускулни нарушувања
– Гликокортикоидна долготрајна терапија
– Ревматоиден артритис
Превенција
И покрај тоа што генетските фактори играат голема улога во детерминирањето дали една индивидуа ќе има остеопороза, сепак животниот стил може да влијае на развојот на коската во млада возраст, но и на загубата на коската подоцна во текот на животот.
Исхраната, вежбите и други фактори на животниот стил играат клучна улога за здравјето на коскениот систем.
За деца и адолесценти:
– доволен внес на калциум и следење на препораките за внес
– превенција на потхранетост и протеинска малнутриција
– одржување на адекватен внес на Д витамин преку изложување на сончеви зраци и преку исхрана
– примена на физичка активност
– избегнување на пушење
– едукација за ризикот и последиците од висок внес на алкохол.
За возрасна популација:
– внес на калциум и Д витамин (препораките варираат од земја во земја меѓу 800-1300 мг дневно, зависно од возраста)
– физичка активност
– прекин на пушењето
– избегнување на жестоки (алкохолни) пијалаци
– процена на ризикот од развој на остеопороза и со помош на медицински совет земање на терапија за одржување на оптимална коскена маса и намалување на ризикот од скршеници.
Лекување на остеопороза
Главна цел во превенирање и лекување на постменопаузална остеопороза е да се редуцира фреквенцијата на остеопоротичните скршеници, кои во најголем дел се одговорни за морбидитетот и индиректно водат до состојби поврзани со морталитет (Delmas 2002a).
И покрај фактот што остепоротичните скршеници се најчести кај жени над 65 години и лекувањето се покажало ефективно кај оваа популација, најчесто достапните терапии превенираат, успоруваат или ја заменуваат коскената загуба кога ќе се почне лекувањето околу 50 година.
Нефармаколошки пристапи
Различни нефармаколошки мерки можат да го редуцираат ризикот од развивање на постменопаузална остеопороза.
Генерално би требало да се препорачаат на сите жени.
Ова вклучува адекватни вежби, храна богата со калциум, престанување со пушење и избегнување на прекумерно користење на алкохол.
Вежби
Редовните физички вежби се смета дека го редуцираат ризикот од остепороза и го одложуваат физиолошкото намалување на коскено минералната густина, која се појавува со стареењето (Ernst, 1998).
Една од бенефициите на вежбањето кај возрасните е редукција на паѓањето како резултат на подобрена мускулна сила и координација (Carter, 2002, Mundy 2001)
Исхрана
Општо прифатено е дека слабото внесување на калциум е ризик фактор за остоепороза.
Меѓутоа и други нутритиенти се потребни за одржување на здрава коска.
Внесувајте соодветни количини на калциум во согласност со соодветните препораки за исхраната во вашата земја или регион, во сите периоди од животот.
Одржувајте доволна количина на складиран витамин Д преку соодветно, безбедно изложување на сонце, адекватна исхрана или преку додатоци во исхраната.
Уживајте во разновидна и здрава исхрана која содржи соодветни количини на протеини и големи количини на свежо овошје и зеленчук, како за здравјето на коските, така и за општата здравствена состојба.
Препорачани дози на калицум
Калциум (mg/ден)
Новородени и деца
0-6 месеци
300-400
7-12 месеци
400
1-3 години
500
4-6 години
600
7-9 години
700
Адолесценти
10-18 години
1300
Жени
19 години до менопауза
1000
Постменопауза
1300
За време на бременост (последен триместар)
1200
Лактација
1000
Мажи
19-65 години
1000
65+години
1300
Фармаколошки пристапи
Покрај промените на животниот стил, лекарите можат да препорачаат и терапија со лекови доколку е дијагностицирана остеопороза или ако постои зголемен ризик од остеопороза.
Во денешно време постојат бројни достапни, ефективни опции за лекување кои покажаа дека делуваат брзо, ја одржуваат коскената густина и го редуцираат ризикот од добивање на скршеница.
Важно е изборот на терапија да биде прилагоден според специфични медицински потреби на пациентите и нивниот животен стил.
Актуелни тераписки опции кои се достапни (не сите и во нашата земја) се: бисфосфонати (ibandronate, alendronate, risedronate и zoledronate), calcitonin, denosumab, raloxifene, strontium ranelate, teriparatide и tibolone како и хормон-заместителната терапија.
Бисфосфонатите се прва линија на терапија за лекување на постменопаузалната остеопороза (Brown & Јose, 2002).
Овие лекови треба да се земаат наутро на гладно со вода, 30 минути пред првата храна, пијалок или друг лек што треба да се земе во текот на денот.
Постојат бисфосфонати во форма на таблета кои се земаат еднаш дневно, еднаш неделно или еднаш месечно.
Вашиот лекар ќе одлучи која тераписка опција е најсоодветна за вашето лекување.