ПРИЧИНИ, СИМПТОМИ И ПРЕВЕНЦИЈА НА ХЕМОРОИДИ

Поимот “ хемороиди ’’ луѓето често го користат за да ги опишат нарушувањата во аналното подрачје, од чешање, па се до карцином.
Хемороидите се делат на надворешни и внатрешни.
Надворешните хемороиди се сплетови на вени сместени под кожата веднаш зад анусот, не се забележуваат се додека не дојде до тромбоза или воспаление.
Внатрешните хемороиди се нормална анатомско-функционална васкуларна структура во аналниот канал, завршниот дел на дебелото црево, ректумот.
Покриени се со слузницата на аналниот канал.
Во нормални, физиолошки услови се испапчуваат во аналниот канал во форма на надолжни перничиња во чија внатрешност се наоѓаат посебно градени крвни жили.
На тој начин ја сочинуваат хемороидалната зона која во тек на дефекација, при напнување, се полни со крв, односно го обложува горниот дел на аналниот канал и со тоа го штити од механички повреди.
Хемороидалните перничиња така исполнети со крв помагаат во одржувања на континенција, односно волното задржување на гасовите и евентуално течните столици.
Внатрешните хемороиди сами по себе не значат болест. Тие претставуваат болест кога настанат компликации како што се излез на хемороидите од аналниот канал односно пролапс, воспаленија и крварења.
Тогаш говориме за хемороидална болест. Меѓутоа сите сме навикнати, од лекарите до пациентите, тегобите врзани за хемороидалната болест едноставно да ги нарекуваме внатрешни хемороиди.
При тоа мислиме на зголемени, воспалени хемороиди или хемороиди кои крварат.
Таквата состојба може да биде предизвикана од затвор ( опстипација ), долготрајно седење, дебелина.
Порастот на притисокот во вените заедно со ослабнувањето на околното сврзно ткиво доведува до зголемување на хемороидите, па дури и до нивно изложување низ анусот, отекување и воспаленија.
Со обзир на можноста за спонтано повлекување на хемороидите назад во аналниот канал, ги делиме во 4 степени.
Оние од првиот степен спонтано се враќаат, додека оние од третиот и четвртиот степен заостануваат надвор од каналот, односно пролабираат, и при тоалета на анусот може да се напипаат како јазолчиња, односно перничиња.
Крварењето е друга компликација која се манифестира со појава на светлоцрвена крв на крајот на столицата или попрскана низ WC-школката после дефекација.
Меѓутоа крварењето може да се јави и на почеток или во средина на вршењето на нуждата, и понекогаш може да биде силно.
Важно е да се нагласи дека хемороидалната болест е прогресивна, што значи дека напредува од поблаг спрема потежок степен.
Најчести симптоми се јадеж во аналната регија и крварење.
Со оглед на тоа дека слузницата која ги прекрива внатрешните хемороиди нема рецептори за бол, болни компоненти нема, освен во случај на тромбоза или јаки воспаленија.
Важно е да се обрне внимание на столицата после вршење на нуждата.
Во случај на крварења, болки, печење, јадеж или отекување потребно е обраќање на лекар кој после разговорот и собирање важни податоци, ќе го прегледа завршното црево, а потоа ќе изврши аноскопија или ректоскопија.
Со тие прегледи може да се утврди причината за крварењето од анусот.
Не смее да се заборави фактот дека крварењето од завршното црево е симптом на рак на аноректумот кај 13 % мажи и 20 % жени постари од 45 години.
Најдобар начин да се превенира развојот на внатрешните хемороиди е грижата за редовноста на столицата и нејзината коензистенција.
Вежбање, одење, исхрана богата со влакна, овошје и зеленчук влијаат на едноставна и брза дефекација на помека столица.
Со тоа се смалува времетраењето на седењето на WC-школката и напнувањето, а со тоа и развојот на хемороидите.
Надворешните хемороиди се анатомски и функционално помалку важни од внатрешните, но тегобите се појако изразени.
Појавата на болно поткожно сино јазолче, јадеж и крварење упатува на надворешни хемороиди.
Тие настануваат како последица на тромбоза на поткожните вени низ анусот.
Најчесто до појава на надворешни хемороиди доведува напредната бременост и притисок на матката врз вените, долготрајно седење, претерано јака зачинета храна и долготраен затвор.
Почесто се јавуваат кај младите , особено после поголем телесен напор.
Дијагнозата се утврдува на ист начин како и кај внатрешните хемороиди, односно потребно е да се изврши аноскопија или ректоскопија, како би се исклучиле други болести кои причинуваат болки односно крварење од анусот.
После повлекување често остануваат зголемени кожни набори кои лесно се напипуваат со прст. Склони се на повторување.
Лекувањето секогаш започнува со конзервативни методи. Првиот чекор вклучува хигиенско-диететски мерки, поточно се препорачува исхрана богата со влакна, доволен внес на течности и редовни оброци.
Исто така се обрнува внимание на начинот на чистење после вршењето нужда.
Необично е важно тоалетата да се врши со мека тоалетна хартија.
Негата на аналната регија и самите хемороиди кои се наоѓаат во аналниот канал, поточно во завршниот дел на ректумот може да се постигне со нанесување на креми или масти кои содржат лековити, противвоспалителни состојки најчесто на билна база.
Лековитите масти кои содржат лековити супстанци како што се кортикостероиди или хепарин смеат да се користат само и исклучиво по препорака на лекар и под негова контрола.
Исто така мора да се истакне дека мастите и свеќичките не ја лекуваат болеста, но ги ублажуваат симптомите и ја спречуваат прогресијата на болеста.
Доколку овие мерки не доведат до подобрување, индициран е некој од хируршките методи на лекување.