СТРЕСОТ И ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

Освен поради недостиг од јод во исхраната, гушавоста може да се јави и како последица на разни наследни фактори.
Чувство на напнатост или притисок во вратот, засипнатост, кашлица, пречки во дишењето, како и притисок на хранопроводот, кој може да даде и пречки во голтањето, може да сигнализираат дека штитната жлезда не работи добро.
Гушавоста, или зголемувањето на тироидета, иако се смета за искоренета болест, сеуште има многу случаи кои имаат проблеми со оваа, една од главните жлезди со внатрешно лачење.
Гушавост или струма се јавува поради намалено создавање на хормоните од штитната жлезда.
Недостиг од хормони од штитната жлезда предизвикува зголемено лачење на тиротропин, кој доведува до хипертрофија (зголемување на волуменот на клетките, зголемување на бројот на тироцитите (епителни клетки на штитната жлезда) и насобирање на тироглобулин во фоликулите на штитната жлезда.
Кажано со едноставни зборови, штитната жлезда не произведува доволно хормони, па организмот испраќа сигнал за тревога.
Поради тоа, штитната жлезда ја зголемува својата маса за да произведе поголема количина на хормони.
Струмите се делат според причинителот што ја иницира. Можат да бидат спорадични или ендемски.
Ендемските струми настануваат поради хроничен недостиг од јод во водата и храната, а се јавуваат во одредени географски подрачја.
Освен поради недостиг од јод во исхраната, гушавоста може да се јави и како последица на разни вродени нарушувања.
Може да се јави за време на пубертетот или бременоста и да биде предизвикана од често консумирање одредена храна.
Имено, постојат материи кои го блокираат метаболизмот на јодот, кои во големи количини се наоѓаат во зелката, репката, кељот и сличните билки.
Нивната преголема консумација со храната може да доведе до симптоми на гушавост.
Нарушувањето на функцијата на тироидната (штитната) жлезда, според патофизиолозите, спаѓа во најчестите заболувања на жлездите со внатрешно лачење.
Точните причини зошто настануваат овие болести сеуште не се докрај расветлени.
Но, за главни виновници се сметаат генетски (наследни) и фактори од околината.
Доколку некој член од семејството имал некое заболување на штитната жлезда, ризикот за настанување на функционални промени на тироидната жлезда е значително поголем.
Ова особено кај лицата од женски пол каде што генерално болестите на тироидеата се многу почести.
Истражувањата покажале дека струмата се јавува осум пати почесто кај жените отколку кај мажите.
Доживеан поголем стрес се смета како провоцирачки фактор, кои доведува до појава на манифестна, развиена болест, пред се до зголемено лачење на жлездата.
Во одделни случаи причинител може да биде воспалитен процес на штитната жлезда, внес на прекумерна количина на јод – особено со некои лекови кои се користат кај срцевите аритмии а ретко и бенигни или малигни тумори на жлездата.
Симптомите на нарушена функција на штитната жлезда различно се манифестираат од еден до друг пациент, како по интензитет, така и по бројот на промените кои тие ги уочуваат кај себе.
Секако на тоа влијае тежината на нарушувањето, неговото времетраење, возраста, општата здравствена состојба и индивидуалната осетливост.
Повеќето знаци на зголемена и на намалена тироидна функција се сосема спротивни, многу се разликуваат. Симптомите доколку се во полесна форма, може и да ја замаскираат болеста.
Доколку промените во лачењето на жлездата се од полесен степен или траат пократко време, можно е да не се чувствуваат никакви знаци или, пак, тие да бидат минимални и да се припишат на други причини – хроничен замор, преоптовареност со работа или изложеност на стресогени фактори.
Во таков случај помагаат функционалните тестови на тироидната жлезди (одредување на тироидните хормони во крвта), кои недвосмислено ќе покажат дали постои отстапување на функцијата на жлездата во едната или другата насока.
Хипертиреоза може да се развие во секој период од животот, иако најчесто се јавува кај жените меѓу 30 и 45 година.
Најчеста причина за зголеменото лачење на жлездата, и тоа во 70 во 80 отсто од случаите е автоимуното заболување на штитната жлезда или Морбус Гравес Баседова болест.
Поретко се јавува поради токсична нодуларна или мултинодуларна гуша (лат. нодулус -јазол), кога од сеуште непознати причини еден или повеќе јазли во штитната жлезда стануваат прекумерно активни и излачуваат вишок на хормони.
Јазлите на тироидната жлезда се честа појава и доколку не се поголеми и надворешно забележливи укажува дека може да се откријат и сосема случајно при испитување други органи, особено со ултразвучен преглед.
Во минатото кај нас главната причина за нивното појавување беше недоволниот внес на јод, но тој проблем е веќе надминат во најголемиот број случаи.
Други причини се бенигни тумори на жлездата, дегенеративни промени, крвавење или хроничен воспалителен процес.
Ретко може да станува збор и за малигна болест – карцином на тироидната жлезда.
Во најголемиот број случаи, јазлите на тироидната жлезда не ја нарушуваат нејзината функција и таа продолжува нормално да работи, но кај бенигните и малигните тумори може да дојде до зголемено лачење на тироидни хормони (состојба на хипертиреоза).
Поставувањето точна дијагноза е процес кој опфаќа најпрво клинички преглед на пациентот, потоа ултразвучен преглед, одредување на тироидните хормони, а по потреба и скен на тироидеата со радиоизотопи и други лабораториски испитувања.
Лекувањето и следењето на болеста е доживотно.
Зголемено лачење (хипертиреоза)
Кај зголеменото лачење настапува прекумерно потење со неподнесување топлина, зголемување на апетитот придружено со парадоксално слабеење, фино тресење на рацете најзабележливо при испружување на рацете со ширење на прстите, потоа појава на зголемена нервоза, несоница, вознемиреност, избувливост, понекогаш плачење, намалена концентрација, забрзување на срцевата работа (пулсот) и чувствување на ударите на срцето во предел на градите или вратот, потоа појава на почести и меки столици, чувство на замор, опаѓање на косата, промени на кожата која станува топла, влажна, можна е појава на оток во предел на долната половина на вратот, а кај жените и промени во менструалниот циклус кој станува нередовен и со слаби крвавења, што е слично со промените карактеристични за менопаузата.
Намалено лачење (хипотиреоза)
Од друга страна, кај намалената функција на тироидната жлезда се јавува зимурливост, неподнесување студ, намалување на апетитот и внесот на храна со пораст на телесната тежина, поспаност, заборавеност, забавеност на мислите, депресивност, замор, забавување на срцевата работа, појава на запек и надуеност на мевот, отекување, особено на прстите на рацете и лицето, кожата станува погруба, сува и испукана, доаѓа и до покачување на мастите во крвта.
Слично како кај зголемената функција, можна е појава на оток во предел на вратот (гуша), опаѓање на косата, а кај жените и нерегуларности на менструалниот циклус.
Жлезда која го контролира метаболизмот
Тироидната или штитната жлезда има облик на пеперутка, тешка е од 15 до 30 грама и е сместена над долниот преден дел од вратот.
Оваа жлезда го произведува хормонот тироксин, што е задолжен за регулирање на метаболизмот во организмот во речиси сите клетки.
Поедноставно кажано, тироксинот го регулира создавањето енергија и внатрешната потрошувачка на кислород.
Ако жлездата произведува повеќе тироксин, се забрзуваат сите процеси во организмот, а ако произведува помалку, процесите се забавуваат.